Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари на својата фејсбук страна посочија дека иако медицинскиот персонал цела година беше во првите борбени редови и немаше прилика да искористи одмор, регресот за годишен одмор ќе се исплати на оние кои седеа дома.
-Наместо да се смислат решенија за одмор на медицинскиот персонал кој беше во први борбени редови цела година, ќе се наградат оние кои седеа дома. Не дека немаше такви и меѓу нашите колеги, ама приоритетот мора да се знае. Платете одмор на медицинските работници и останатите во здравството кои работеа со Ковид пациенти, велат од АСМЛ.
Во изјава за медиумите, премиерот Зоран Заев, посочи дека регресот за годишен одмор ќе се исплати на администрацијата која седеше дома поради мерките за заштита од Ковид-19, бидејќи не само што е ветено туку и е предвидено со колективниот договор од 2019 година.
-Имаа разбирање за одлагање на ова мерка во 2020 бидејќи кога требаше да почне исплатата почна третиот бран на коронавирусот и беше несоодветно регресот да се исплати во време кога приватниот сектор оди со рационализација. Оваа година одлучивме да се исплати и треба да се исплати, сме го ветиле и не само што сме го ветиле потпишан е договор. Затоа се алоцирани дополнителни 230 милиони денари за оваа намена, рече Заев.