Кај некои луѓе, главоболката исчезнува само со земање апче. Но, многумина се погодени од понапорни, посилни и потрајни главоболки… Ново истражување го проценува степенот на овие нарушувања ширум светот, па „Сајенс алерт“ (Science Alert) ги пренесува бројките.
Тим епидемиолози од Норвешкиот универзитет за наука и технологија и други научни установи сумираше повеќе епидемиолошки трудови за главоболки од 1961. до 2020 година. Предметните 357 научни публикации се главно од земји со високи приходи. Тука има не само клинички испитувања, туку и поширок опсег групи на испитување – вработени во компании, студенти, болнички персонал. Сѐ тоа открива дека 52 отсто од луѓето страдаат од некој вид главоболка во текот на година. А на дневна основа, 15,8 отсто од светското население има главоболка, се истакнува во анализата.
Истражувачите откриле и дека сите видови главоболки се почести кај жените отколку кај мажите, а најголемата разлика е кај мигрената (17 насто кај жените и 8,6 насто кај мажите). Очигледното зголемување на преваленцата на мигрена со тек на времето може да биде поврзано со промени во животната средина – физичките, психолошките или промените на однесувањето, но поверојатно е дека е поврзано со развојот на методологијата со текот на годините, што доведува до подобар пристап, техники и подобрени дијагностички алатки во оваа област, се вели во анализата.
Авторите откриле и дека преваленцата на нарушувања со главоболка останува висока ширум светот и сериозноста на различните видови може да влијае на многу луѓе. Неврологот Ларс Јакоб Стовнер од Норвешкиот универзитет, смета дека тоа може да се намали преку превенција и подобар третман.