Вонредна вакцинација против мали сипаници ќе има на децата во клонот „Ташко Караџа“ во градинката „11 Октомври“ во скопската населба Радишани, а ќе се вакцинираат и бебиња од шестмесечна возраст во оваа населба, каде вчера Комисијата за заразни болести прогласи епидемија, откако беа реагистрирани пет заболени деца и еден возрасен. Според редовниот календар за имунизација, првата доза од оваа вакцина се дава кај деца на 13-месечна возраст.
Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека во градинката се запишани 223 деца, и дека во овој период кога се регистрирани заболените деца градинката ја посетувале во просек 104 деца.
Тој кажа дека четири од заболените деца се на Клиниката за инфективни болести, а едно е на домашно лекување и дека и децата и возрасниот кој е заболен се во стабилна состојба.
Градинката во Радишани е затворена од вчера и таму е направена вонредна дезинфекција.
Д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје кажа дека со вонредна вакцинација на децата од шест месеци до 14-годишна возраст важи само за населбата Радишани, и дека се препорачува здравствените домови во Скопје и ширум земјата сите деца над една година да ги повикаат на вакцинација.
„Очекувам да најдеме околу 10 до 15 отсто невакцинирани, бидејќи опфатот за оваа вакцина во Скопје во 2016 беше 67 отсто, а лани беше 78 отсто. Од еден заболен со морбили се проценува дека може да заболат од 18 до 19 лица, бидејќи е виско заразно заболување ги преземаме овие мерки. Во периодот на инкубација, кога уште нема осип детето може да биде заразно и затоа се прави оваа мерка. Првите симптоми се течење на нос, коњуктивит покачена температура, што се симптоми и на други болести и не може да се препознаат“, рече Микиќ.
Претседателката на Комитетот за имунизација проф. Александра Грозданова кажа дека во моментов во земјава има 16.854 дози на вакцината против морбили, рубеола и паротит, од кои 3.000 се за вакциналните тимови во Скопје.
„Вакциналните тимови имаат доволни количини од МРП вакцината. Вакцините се од реномиран производител и се апсолутно квалитетни и безбедни“, рече Грозданова.