Стотици пациенти, секоe утро го минуваат во скопската клиника за онкологија. Сликата секој ден е иста – редици граѓани чекаат хемотерапија. Кога ходникот e претесен чекаат и надвор.
„Гужви не прашувај, на скали седат..гужви катастрофални…Многу има болни злато од овој канцер и мора да чекаат по ред. Значи невозможно е ова..“
Рина денеска ја прими првата хемотерапија. Но, голем дел од пациентите кои ја делат нејзината мака и денеска си заминаа разочарани. Лекот што им е неопходен за третирање на канцерот, со месеци не е достапен. Директорот Нино Васев вели станува збор за биолошки лекови кои не се на позитивната листа, а тендерот за набавка тврди е во финална фаза.
„Не враќаме пациенти, туку лекови кои не се на позитивната листа ние немаме обврска да ги имаме, но сега ќе ги имаме преку заедничкиот тендер од министерството за здравство кој е завршен. (значи практично ќе бидат дел од позитивната листа?) Се работи за денови, затоа што тендерот е завршен, чекаме потпишување на договорите, и лековите ќе бидат достапни за пациентите во моментот кога ќе бидат потпишани.“ – вели Нино Васев – директор на Онкологија.
Дел од пациентите дури и заеднички приватно си купиле и си поделиле една доза, бидејќи лековите се исклучително скапи. Сега, не примаат никаква терапија, чекаат да заврши тендерската процедура, која министерството за здравство уверува дека е при крај.
Oсвен недостаток на лекови за одреден тип терапија, пациентите се жалат дека клиниката за онкологија нема капацитет да соодветно да ги згрижи и третира пациентите. Правена е за потребите на Скопје, но тука доаѓаат пациенти од цела Македонија.
Ова е единственото место каде пациентите можат да примат хемотерапија, покрај болницата во Битола. Тие што имаат каде да преспијат остануваат во Скопје, други патуваат секој ден.
„По четири саати чекаме. Јас останав ете вечерва тука во Скопје, немаше слободни кревети тука..Тие работат ама не можат да стигнат. Се мачиме злато за живот, колку ќе биде тоа е.“ – велат дел од пациентите.
Tрендот на зголемување на бројот на заболени пак, е загрижувачки. На годишно ниво стапката расте и повеќе од 3 до четири отсто.
„Секојдневно имаме зголемен број на пациенти со малигни заболувања. Најчесто кај жените доминира ракот на дојката, кај мажите белодробниот карцином. Меѓутоа со скрининг прегледи кај пациенти кои немаат никакви симптоми се открива болеста на време и во ран стадиум кога нема потреба од дополнителни хемо и радио терапии.“ – вели Д–р Мери Пешевска.
Сепак, токму за фазата на рано откривање, беше гласно критикувана од страна на Европската комисија, која оцени дека Македонија нема национална стратегија за борба со оваа болест, ниту пак сите граѓани имаат пристап до скринингот. Исто и за лекувањето, ќе ви речат пациентите, секој си бара чаре колку има среќа и колку му дозволува џебот.
Го направи и успеа министерот Филипче, здравството да го направи привилегија на богатите, пациентите кои немаат ќе умираат по ходниците на клиниките додека тој размислува и го смислува следниот тендер. – Кога ќе има промена на министерот Филипче и ние пациентите да видиме бел ден, прашуваат чекајќи во редовите пациентите од цела Македонија?