Утре, во просториите на МОН ќе се одржат завршните преговори за покачување на платите во образованието. Ова го најави министерот Арбер Адеми откако се сретна со претставници на СОНК каде меѓу другото подвлече дека во текот на денот ќе се завршат сите консултации во врска со покачувањето на платите во дејноста образование и дали тоа почнува од 1 јануари 2020 година.

„Верувам до крајот на денот ќе имаме резултат, ќе биде познат нашиот став, ќе имаме кристално јасна слика и позиции кои ќе се изградат. Затоа, апелирам јавно до претставниците на СОНК утре во просториите на министерството да седнеме и да одржиме последен круг преговори за покачување на платите и се надевам ќе имаме прифатливо решение за сите, решение кое ќе ги исполни барањата на претставниците во дејноста образование“.

Претходно, првиот човек на СОНК, Јаким Неделков им соопшти на просветни работници дека генералниот штрајк најавен за 11 ноември ќе се одложи на неопределено време, зависно од завршницата на преговорите.

Исто така, Неделков најави дека меѓу другите приоритети на Синдикатот во соработка надлежен човек од министерство за образование би требало да бидат други прашања, како што е подобрувањето на социоекономскиот статус на вработените во дејноста образование.