Девет соби во болницата за дијализа во Струга во кои покривот прокиснува се затворени, а пациентите се префрлени во други соби. Засега нема абер од неговата реконструкција и покрај тоа што договорот со фирмата изведувач која треба да ги изврши градежните работи бил потпишан уште на 14 октомври оваа година. Рокот кој го има за завршување е 120 дена, но доаѓа зима, а се почести се и врнежите од дожд кои создаваат проблеми. Од болницата не знаат каде е сега застојот. Велат дека ќе го ограничуваат и престојот на пациенти за рехабилитација само до еден месец, поради актуелната ситуација.
„Tие се најкритичните и затоа се тргнати пациентите, но прокапува и на други места зависи од интензитетот на дождот. Затоа се надевам дека во најбрз можен рок, реконструкцијата ќе започне со нив“, рече Александар Попоски-директор.
На почетокот на септември кога прокисна болницата, пациентите во кревети беа изнесувани низ болничките ходници. Министерот за здравство, Филипче пред еден месец најави дека реконструкцијата ќе започне во најскоро време, но од тоа нема се уште ништо.
Реагираат и пациентите кои престојуваат таму и кои се соочиле со условите кои ги имаат сретнато во оваа здравствена установа:
– „Состојбата во болницата е алармантна. Не би требало да прокиснува кровот, сепак е ова болница, ова е здравствена установа, каде се лекуваат пациенти“.
„Условите се катастрофални. Ништо не се одржува како што треба. Тоа е катастрофа. Треба некој да го направи или чека некој да ги натера одете и правете. Ако не го направат кровот подизведувачите ќе се соочат со поголеми проблеми“, реагираат пациентите.
Покривот е со површина од 5400 метри квадратни, а досега само парцијално биле преземани одредени зафати. Оваа болница е изградена 1984 година и во неа се лекуваат бубрежно болни пациенти од цела Македонија, но и од соседна Албанија.