Месец ноември е посветен на машкото здравје, па така податоците од Институтот за јавно здравје покажуваат дека во 2021 година биле регистрирани 397 нови случаи на рак на простата, a починале 201 маж. Во однос на 2020 година зголемен е бројот за 62 нови случаи, а во последните пет години најголем број регистрирани случаи имало во 2018 година. Најмногу починати имало во 2020 година, а минатата година смртноста била намалена намалена.

Од особена важност е превенцијата и зглемувањето на свесноста за овој здравствен проблем, поради што се препорачува секој маж над 50-тата година од својот живот, без разлика дали има некаков проблем со мокрењето, еднаш до два пати во годината да оди на преглед кај уролог. Од Универзитетската клиника за урологија посочуваат дека со рана дијагноза и навремена терапија има целосно излекување дури кај 98 проценти од заболените.

Годишната стапка на смртност, на 100.000 луѓе, од рак на простата во земјава, е седум до десет заболени лица. Превенцијата би значела поголема свесност за постоењето на овој здравствен ризик и редовни проверки и тестови.

– Карциномот на простатата е индивидуална и непредвидлива болест, чиј малигнен потенцијал не може секогаш да се предвиди, посочуваат од Клиниката за урологија за македонските медиуми.

Мажите над 40 години најчесто имаат проблем со зголемување на простатата и раниот карцином на простатата. Најновите истражувања велат дека скринингот и раното откривање на ракот на простатата треба да почне од 40 година бидејќи првите промени се откриваат преку едноставен лабораториски тест – ПСА – и со ректален преглед.

Во рок од 48 часа, како што посочуваат од клиниката, веќе имаат дијагноза дали се работи за карцином на простата. Ова, велат, е светски протокол за рано откривање на карциномот на простатата, кој, за жал, е во огромен пораст, а многу лесно се лекува ако навреме се открие.