Менструалните циклуси кои се проследени со многу болки може да бидат вистински кошмар за девојките и жените и да ги спречат во секојдневното извршување на обврските.

А, како да се малку крварењето, грчевите во стомакот, променливото расположение и апетитот, голем број се пожалиле и на неподносливи и ужасни болки во грбот.

За време на месечниот циклус во телото се ослободува простагландин, ензим одговорен за контракциите на матката за време на циклусот. Ако телото произведува премногу простагландин, тогаш мускулите во абдоменот, особено во карличниот дел, реагираат со зголемени контракции, па затоа се појавува и болката во грбот.

Но, ова не е единствената причина. Понекогаш состојбите како цисти на јајниците, таканаречената „превртена“ матка (кога е навалена кон грбот), ендометриозата и фиброидите може да бидат причинители, но и засилувачи на болката во грбот.

Дали може да се третира оваа болка?

Постојат одредени лекови, класифицирани како нестероидни антиинфламаторни лекови, кои имаат и многу несакани ефекти.

Поради тоа, подобро е да го загревате грбот кога имате болки, бидејќи на тој начин мускулите се релаксираат. Постојат дури и специјално наменети загревачки тела за тоа.

Јогата и аеробикот исто така може да помогнат, но треба да внимавате на напорот што го вложувате, за да не си правите спротивно, односно непотребни контракции на матката.

Здравата исхрана, чаевите и по потреба земање витамин Е и витамин Б1 се задолжителни кога имате тешки и болни менструални циклуси.