Брзата помош во Драчево, Петровец, Глумово и Чучер Сандево повеќе не работи. Пунктовите во овие населби кои беа отворени пред само три години не функционираат. Нема лекари и сестри, ниту пак возила за да може да се опслужат жителите тука.
Надлежните велат дека решението на проблемот за овие пунктови повторно да профункционираат е вработување на нов кадар во Итната Медицинска Помош и зголемување на бројот на возила. Почната е набавка на нови возила и веќе се набавени 6 нови возила во ИМП од страна на Министерството, а во моментов тече огласот за вработување на 20 нови доктори во ЈЗУ ,,Здравствен дом на Скопје,, Скопје.
Жителите во дел од населбите каде пунктовите се затворени се жалат дека долго време чекаат за медицинска помош кога им е итно потребна. Бараат возила и медицински тимови на располагање поблиску до своето место на живеење.
Дел од засегнатите граѓани велат дека населбите се густо населени, брзата помош стигнува, но со задоцнувања од половина час до еден час. Исто така се истакнува и потребата од Брза помош и на селата во околина на населбите, кои се во голем број и имаат многу жители и се оставени на достапноста на таксистите при итен случај.
Во 2016-та, беа отворени десетина пунктови за брза помош, со цел жителите во поодалечените населби од центарот на Скопје да не мора да чекаат долго време кога ќе се јават на 194. Тогашниот министер за здравство велеше дека двојно бил зголемен тимот на лекари и сестри, а дека тимовите ќе им бидат достапни 24 часа на граѓаните. Актуелниот министер пак Венко Филипче веќе година и пол чека физибилити студија за да види дали функционирањето на службата за брза помош може да се подобри.
Во меѓувреме пак во цело Скопје, брза помош има само во трите поликлиники „Јане Сандански“, Чаир и Карпош, а само 5-7 екипи работат во една смена. Раководството на службата потврдува дека бројот на екипите не е доволен, а дека дополнителен проблем се и сообраќајните гужви.