На средината на ноември во Скопје се одржа шестиот курс во организација на Македонска асоцијација за перинатална медицина и Македонски огранок на Интеруниверзитетска школа за ултразвук Ian Donald. Дел од овој едукативен настан чија тема беа современите достигнувања во ултразвукот во акушерството, гинекологијата и неонатологијата беа светски еминентните доктори: д-р Аслим Курјак (Хрватска), д-р Ебархард Мерц (Германија), д-р Гордана Адамова (Македонија), д-р Арис Антсаклис (Грција), д-р Снежана Ракиќ (Србија), д-р Снежана Црногорац (Црна Гора), д-р Апостол Атанасидис (Грција), д-р Сонила Паскај (Албанија).
Покрај нив, како поканети предавачи учество земаа познатите гинеколози од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ д-р. сци мед Никола Баџаков, доц. д-р Митко Ивановски и д-р Павле Димчев .
Школото „Ian Donald“ е основано во 1981 година и денес има национални ограноци во 60 земји ширум светот меѓу кои и во Македонија. Неговата главна мисија е едукација на лекари кои во секојдневната пракса употребуваат ултразвук. Преку организирање на ваков тип стручни предавања од страна на веќе докажани и искусни предавачи, учесниците на курсевите имаат можност за континуирана едукација, како и да бидат во тек со најновите достигнувања на ултразвучната технологија и нејзина имплементација во гинекологијата, акушерството и перинатологијата.
Како здравствена институција која се залага за едукација и сознавање на најновите медицински достигнувања, ни претставува чест што меѓу светски признаените експерти од областа на гинекологијата и акушерството, во едукацијата на лекарите учествуваа и нашите врвни експерти д-р Ивановски, д-р Баџаков и д-р Димчев.