Група француски научници од Институтот за здравје и медицински истражувања тврдат дека никотинот оддвоен од другите состојки на цигарите, не создава зависност кај пушачите.
Научниците, предводени од доктор Жан-Пол Тасен, заклучиле дека за создавање на зависноста кај пушачите се одговорни другите состојки на цигарите, како што се инхибиторите (супстанци кои попречуваат хемиски реакции) на ензимот монамин оксид.
Никотинот, за разлика од другите наркотици, не предизвикува раздвојување на две групи неурони – една која влијае на создавање желба за некој производ и другата која овозможува регулирње на нагонот што доведува до појава на зависноста, како што се кокаинот и амфетаминот. Овие резултати би можеле да дадат објаснување зошто никотинската замена (како никотинските фластери) која се користи за одвикнување од пушењето не е долгорочно ефикасна.
Овие нови сознанија на француските истражувачи, кои се објавени во научното списание Journal of Neuroscience би можеле да овозможат подобро разбирање на механизмот на создавање на зависноста од наркотици.