Државата во понеделник и вторник ќе биде домаќин на бордот на Глобалниот фонд за борба против Хив/Сида, туберкулоза и маларија, но скандалозно е што во Македонија речиси една година нема терапија за превенција од маларија која ја пренесуваат комарци. Македонските граѓани кои патуваат во ризичните земји во Африка и Азија принудени се по таблети да одат во соседните земји. Тие треба да се пијат уште пред да се замине во земјите каде има маларија, а токму во вакви држави одат голем број македонски граѓани. Според неофицијални информации на zdravstvo.mk никој не се јавил на тендерите распишани од Центрите за јавно здравје за да ја обезбеди терапијата, зошто ЦЈЗ барале мали количини на терапија.
Останува да видиме дали министерот за здравство Венко Филипче кој ќе биде домаќин на колегите министри од регионот и на претставниците од Гобалниот фонд за борба против Хив/Сида, туберкулоза и маларија ќе им ја соопшти оваа вест дека државата во моментот нема терапија против маларија или пак умешно ќе ја прикрие скандалозната информација.
Инаку лани во Македонија имаше седум увезени случаи со маларија од Африкански земји, а едно лице почина.