Уште еден неуспешен обид на пратениците за компромис околу законските измени за медицинскиот канабис. Измените што ги предлага СДСМ, а со кои треба да се дозволи извоз на сув цвет од канабис се неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ. Според опозицијата законските измени се за интерес на бизнисите со медицинска марихуана на семејството Заеви.
„Имаме плантажи на дрога кои ги имаат семејството на Заеви во Свети Николе, во Валандово, адвокатот на Заев има плантажи во Струмица и сето тоа на сметка на јавното здравје, на сметка на граѓаните. Нас ни требаат инвестиции и ЕУ, а не Колумбија, а не метадонски терапии за нашите млади.“ – изјави Влатко Ѓорчев – ВМРО-ДПМНЕ.
Засегнатите граѓани велат дека со овој закон мора да се земе в предвид и можната манипулација и злоупотреба на истиот, што значи поголема достапност и непотребно ширење на канабисот во рацете на најмладата популација, која не треба да биде изложена на еден ваков порок. Токму затоа државата треба убаво да размисли и внимателно да изготви едно „Соломонско“ решение со кое ќе се ограничи неговата употреба само за медицински цели и точно да одреди кој може да се занимава со ваква дејност. – се само дел од коментарите на фејсбук профилите.
Владејачката СДСМ, пак, тврди дека законските измени се усогласување со европското законодавство и со нив велат меѓудругото дека се предвидува 20 отсто од нето добивката да оди во буџетот на државата.
„Тоа ќе биде усогласување со европското законодавство, голем дел на граѓани работат во овој бизнис со сериозни пари. Ние сакаме само да се отвори дебатата за овој предлог закон за кој се предвидува 20 насто од нето добивката да влегува во буџетот на Република Македонија.“ – изјави Јагода Шахпаска – СДСМ.
Од здружението на производителите на медицински канабис, пак, ги поддржуваат законските измени и велат дека очекуваат истите да бидат усвоени. Во нашата држава има триесетина лиценцирани фирми, сите до една како што велат се извозно ориентирани.