Научници од Австралија соопштија дека во лабораторија успешно развиле верзија на новиот коронавирус, што би можело да го забрза создавањето на вакцина, објави „Еј-би-си Њуз“.
Истражувачите од институтот за инфекции и имунитет, „Петер Доерти“ во Мелбурн, најавија дека примерок од коронавирусот кој го зеле од заразен пациент, ќе го споделат со Светската здравствена организација и со лаборатории низ светот. Австралијанците со тоа станаа втора лабораторија во светот, после една во Кина, која успеала да го развие вирусот, но поделија секвенца од неговиот ген, а не цел примерок.
– Го имаме! Фантастично! Ова е голем чекор, придонесовме за решавање на дел од сложувалката“ – рекол Мајк Катон пред новинарите, заменик директор на инситутот „Доерти“. Научниците вирусот го развиле од пациент кој бил заразен минатиот петок, а екипа на Еј-Би-Си била во лабораторијата во моментот кога вирусот бил успешно култивиран.
Докторот Катон рече дека ова откритие е од „витална важност“ и оти ќе стане клучен дел во процесот на развивање вакцина, со оглед на тоа што научниците ќе можат да ја тестираат секоја потенцијална вакцина против лабораториската верзија на вирусот.
– Коронавирусот е опасен, убива некои луѓе, но не е смртоносен, како на пример, еболата. Но, раната дијагноза е многу важна затоа што на здравствените служби низ светот им дава подобра шанса да го запрат неговото ширење или барем неговата јачина – изјави Катон. Тој напомена и дека е очигледно оти овој коронавирус е помалку смртоносен од САРС.
Смртоносниот коронавирус, кој е сличен на грип, изби кон крајот на 2019 година во централниот кинески град Вухан. Вирусот за два месеци се прошири и на други делови на Кина, но и на десетина други земји во светот.