По критиките во јавноста дека Ирина Пановска Ставридис како директор на Клиниката за Хематологија прави селекција во процесот на избор на фирми кои ги добиваат тендерите, односно, дека ја форсира фирмата на нејзиниот татко, директорката денеска со соопштение информира дека ќе бидат транспаретни и ќе има мониторинг во процесот на набавки.
-Менаџментот и стручниот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија – Скопје изразува благодарност до организациите Транспарентност Македонија и Здружението на граѓани за борба против рак „Борка“ кои позитивно одговорија на нашето барање за делегирање и вклучија свои претставници за мониторирање на целокупниот процес на јавни набавки. Согласно член 30, став 1 од Законот за јавни набавки, со својство на надворешни стручни лица кои не се вработени на клиниката, со делегирана надлежност да го следат и да вршат увид во начинот на кој се реализираат јавните набавки на клиниката, назначени се Ана Јаневска Делева и Биба Додева Христова.
Уверени сме дека со овој чекор за унапредување на соработката со НВО секторот воспоставуваме највисоки стандарди за отчетност и транспарентност во процесот на спроведување на јавните набавки. Искрено веруваме дека преку ваквиот пристап пациентите и целата јавност во Република Македонија ќе добијат поголема сигурност во квалитетот на здравствени услуги и лековите кои се неопходни за нивно лекување. Несомнено е дека даночните обврзници имаат целосно право да знаат и во секое време да имаат увид на кој начин и за кои цели се троши секој нивен денар. Наша обврска е тоа да го овозможиме преку вклучување на највисоко ниво на јавност во нашето функционирање. Се надеваме дека ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија – Скопје ќе стане пример кои ќе го следат сите јавни здравствени установи со цел сите заедно да придонесеме за враќање на довербата на граѓаните во јавното здравство, пишува во соопштението.