Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, АСМЛ, во целост ги поддржува колегите во нивното барање за отпочнување на ветената 6-месечна платена пракса.
„Млади лекари со лиценца за работа, веќе скоро втор месец чекаат на отпочнување на шест месечната платена пракса. Истата е предвидена со закон и е услов за запишување на специјализација.
Колегите ги имаат уредно доставени сите потребни документи, а официјален став за отпочнување на истата нема!
Овој допис е поддржан од 60+ млади лекари кои се директно засегнати од проблемот и уште многу кои ќе бидат засегнати во наредните месеци. Овие млади лекари моментално се без работа и во заблуда за својата професионална иднина.
Тие се сериозна бројка на млади лекари кои вeќе размислуваат за иселување од државата!
Дополнителен проблем е правната дилема дали овие млади лекари ќе можат да потпишуваат договори после 12-ти Февруари?
Итно очекуваме официјален став од МЗ и временска рамка за отпочнување“- се наведува во нивното соопштение.
И покрај сите толеранции и посочувања од страна на младите специјализанти, кои се нашите идни сериозни здравствени работници, дали државата и кога ќе започне да се занимава со нивните реални потреби доколку сака да ги задржи во рамките на својот здравствен систем? Европските земји прават напори, вложуваат време и дејствуваат се со цел да го намалат иселувањето на младите од своите држави. Што прави нашата власт, додека младите кадри размислуваат и се демотивираат по прашањето дали да останат во Македонија или да заминат? – социјалните мрежи вријат, револтот расте, прашањата сами се наметнуваат.