Намалено производство, недостиг од стручен кадар, слаба побарувачка и високи трошоци се само дел од проблемите со кои се соочуваат компаниите од кожарската индустрија. Претставниците истакнуваат дека тешко се издржува од оваа дејност, бидејќи конкуренцијата од странство, особено од соседството, се заострува, а дополнителен проблем е недостигот од млад квалификуван кадар.
– Конкуренцијата се заострува, особено во последните години, која најмногу доаѓа од Албанија. Се наметнува потреба од системски пристап и државна поддршка за опстојување и развој на чевларската индустрија во Македонија. Сериозен проблем со кој се соочуваме е и недостигот од млад квалификуван кадар, како дизајнери и кројачи, но и ограничувањата во регулативата, кои се пречка за ангажирање пензионери на одредени дефицитарни работни места што се клучни за дејноста – вели Слаџана Лазаревска, генерална директорка на компанијата „Модер шус“ од Куманово.
Таа истакна дека старосната структура на вработените не овозможува долгорочно планирање, а недостигот од репроматеријали од домашно производство и немањето државна поддршка на секторот се дополнителни ограничувачки фактори.
Од Стопанската комора на Македонија истакнуваат дека кожарската индустрија во последните години е во тешка ситуација и дека има недостиг од млад и стручен кадар заинтересиран да работи во оваа дејност.

– Генерално, во кожарската индустрија најголемиот дел чевларски компании се базираат на ЛОН-производство, за што цената по единица производ е многу ниска. Неколку компании што имаат примарно производство најголем дел од потребната сурова кожа набавуваат од увоз, чие потеклото е од Австралија и од Нов Зеланд, потоа од Јужна Америка или скандинавските земји – објаснува Сашо Деспотоски од СКМ.
Статистичките податоци покажуваат дека во групата производство на кожа и слични производи од кожа, во делот на рачни торби за 2016 година биле произведени 63.264 парчиња, а во 2017 година 56.747 парчиња. Додека кај обувките во 2016 година биле произведени 4.293.000 пара, а во 2017 година 3.816.000 пара. Нема официјални податоци за откупени и произведени количества сурова кожа.
– Конкуренцијата од источноазиските земји, пред сѐ Виетнам, Бангладеш, е во делот на евтината работна сила, кои имаат месечни примања од 100 американски долари. Тоа е проблем за кожарските компании, бидејќи голем дел странски клиенти производството го префрлуваат во овие земји – објаснува Деспотоски.
Инволвираните во кожарско-преработувачката индустрија во Македонија посочуваат дека во последните години се соочуваат со голем број проблеми што директно или индиректно влијаат на производството.

– Најголем проблем се недостигот од квалификуван работен кадар, иселувањето и намалувањето на ученици во стручните училишта, што е предуслов за недостиг од млади кадри со кои би се зголемила продуктивноста во фабриките. Но и нереалното зголемување на минималната плата, кое направи големи штети за развој и опстанок на чевларските компании, бидејќи најголем дел од заработувачката се троши на плати за вработени. Немањето средства за инвестирање во нов машински парк нѐ прави неконкурентни на пазарот, па нашите странски партнери бараат нови пазари – истакна Лидија Милановска, сопственичка на компанијата „Де Марко“ од Куманово.

Таа појаснува дека единствениот излез за опстанок е во зголемувањето на производството со инвестирање во нови современи машини што ќе ја зголемат продуктивноста.

Од СКМ посочуваат дека, покрај недостигот од кадар, дополнителен проблем за оваа индустрија е покачувањето на платите, кое не кореспондира со продуктивноста. Со последното покачување, минималната плата изнесува 60 отсто од просечната плата на ниво на државата, а 80 отсто од просечната плата во кожарскиот сектор.
– Поради заострената конкуренција се наметнува потребата од системски пристап и државна поддршка за опстојување и развој на оваа индустрија. Компаниите во наредниот период ќе мора да се приспособат и да се преструктурираат. Тоа е процес што ќе бара инвестиции во неколку области, почнувајќи од човечки ресурси, нивна едукација, потоа модернизација на производствениот процес (квалитетна организација на производството), па до обезбедување средства за набавка на основен и помошен материјал – додава Деспотоски.

Тој појаснува дека во однос на земјите во опкружувањето, продуктивноста кај домашните компании е помала, што се должи на недоволната автоматизација на производствениот процес.
– За да бидеме конкурентни во однос на опкружувањето, македонските компании од трудоинтензивните сектори мора да добијат поддршка од државата во смисла на поволни кредитни линии, субвенции, користење гарантни фондови, што ќе овозможи да се направат вложувања во автоматизација на производствените процеси, а со тоа подобрување на квалитетот и обезбедување поголема продуктивност – заклучува Деспотоски.