Откриено: Зошто некои родители имаат само машки, а други само женски деца?

Во некои семејства се случува да се раѓаат само машки деца, не во една туку во неколку генерации, додека во други се раѓаат исклучиво девојчиња. Дали тоа значи дека некои…

Во некои семејства се случува да се раѓаат само машки деца, не во една туку во неколку генерации, додека во други се раѓаат исклучиво девојчиња. Дали тоа значи дека некои семејства се „специјализирани“ само за раѓање на деца од еден пол?

Некои научници сметаат дека дали ќе имаме син или ќерка зависи од таткото, иако уште никој не открил кој ген е одговорен за тоа. Други тврдат дека за тоа се одговорни наследните одлики кои можат да придонесат за еволуциска предност на еден пол, пишува CNN.

Една од хипотезите поврзани со ова прашање е дали за тоа се одговорни хормоните на родителите во моментот на зачнување. Но, резултатите од нова студија, во која е опфатена целата популација на Шведска од 1932 година до денес, укажува на тоа дека полот е чиста случајност или среќа.

„Откривме дека луѓето немаат вродена тенденција да имаат деца од едниот или од другиот пол, полот на потомците е случајност. Ако имате многу машки деца или многу девојчиња во семејството, тоа е само случајност, вели д-р Бренад Зек од универзитетот во Квинсленд, автор на студијата.

Користејќи информации од матичната книга на родени во Шведска истражувачите споредувале дали имањето браќа и сестри има тенденција кон добивање деца од истиот пол. Нивната статистичка анализа ја исклучи можноста одредени карактеристики на родителите да влијаат на тоа дали ќе добијат син или ќерка.

„Со оглед на тоа што браќата и сестрите делат 50% од генетскиот материјал, да постои генетска предиспозиција која го одредува полот на потомците, таа би се потврдила така што и нивните потомци би биле од ист пол. Меѓутоа, браќата и сестрите не добиле деца од ист пол, тоа што едниот од нив има девојче не ја зголемувало веројатноста дека и другиот ќе добие женско дете“, објаснува тој.

Тој вели дека големата база податоци на 4,7 милиони родени оди во прилог на прецизноста и точноста на тоа што го утврдиле и објаснува дека другите истражувања од овој вид опфатиле помал број луѓе, па заклучоците се п инакви и насочени кон друг правец.

Така, други истражувачи установиле дека климатските промени може да влијаат на тоа дали ќе се раѓаат повеќе девојчиња или момчиња, тврдејќи дека повеќе мажи се раѓаат на места каде температурите се повисоки, додека трети сметаат дека голем глад како што било случај во минатото со Кина може да доведе до раѓање на девојчиња.

„Не можеме да ја исклучиме можноста дека екстремните настани во животната средина, како што се недостигот на храна и климатските промени, влијаат на зголеменото раѓање деца од одреден пол, но со сигурност може да кажеме дека промените во животната средина не влијаеле во таа смисла на оние кои се родени во Шведска од 1932 година до денес“, заклучува Зек.


Related Articles