Институтот за јавно здравство на Косово соопшти дека се потврдени два нови случаи на заразени од Ковид-19, со што бројот на лицата носители на смртоносниот коронавирус во земјата се искачи на вкупно 19. Новите два случаи се жители на Ѓаковица, 54-годишен маж и 49-годишна жена, кои деновиве се вратиле во Косово од градот Дизелдорф во Германија.
Институтот исто така информира дека досега се тестирани примероци од 284 лица, од кои 19 се позитивни на коронавирусот.
Првите два случаи заразени од смртоносниот вирус во Косово, 77-годишен косовски државјанин кој на почетокот на месецов се вратил од Италија и 20-годишна италијанска државјанка вработена во меѓународна организација во Косово, се открија во петокот, на 13 март, по што неколку општини и села од каде што доаѓаат заразените, се ставени во карантин.
Владата на Албин Курти донесе низа мерки за превенција на ширењето на заразата, како што е затворањето на сите трговски центри и угостителски објекти, забрана на културни и спортски манифестации, ограничено работно време за продавниците со прехрамбени производи, затворање на комерцијални авионски линии и на гранични премини и слично. Од вчера беше прогласена и вонредна состојба во јавното здравство, а денеска претседателот на државата Хашим Тачи побара мобилизирање на Безбедносните сили на Косово.