Во текот на вчерашниот ден, Министерството за здравство соопшти дека 27-годишната родилка од Куманово, позитивна на коронавирус, која роди недоносено машко бебе, почина на Инфективната клиника во Скопје. Новороденчето е негативно на коронавирусот и се наоѓа во добра состојба, информираат од клиниката за гинекологија и акушерство. Тоа се уште е на интензивна нега, но под постојан надзор на тимот од клиниката.
Родилката поради влошена клиничка слика и отежнато дишење од Клиниката за гинекологија и акушерство била префрлена на Инфективната клиника, каде агресивниот развој на болеста и покрај напорите на лекарите бил со летален исход. Оваа жена е 30-та жртва на коронавирусот во нашата држава.
Во текот на минатото деноноќие, на Инфективната клиника во Скопје починал и 73-годишен маж од Куманово. Во Кавадарци, пак, во стан е пронајдено починато лице на 44-годишна возраст, кај кое постхумно е потврдено присуство на коронавирусот.