Од Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП), во врска со информациите за објавување на решенијата за лицата кои треба да бидат во изолација поради коронавирусот КОВИД-19 на веб страницата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат за цел – електронска достава на решенијата преку соопштение вчера информираа дека не е во корелација со начелото на законитост, правичност и транспарентност и начелото на минимален обем на податоци утврдени во Законот за заштита на личните податоци.

– Во врска со објавувањето на решенијата за лицата кои треба да бидат во изолација на веб страницата на Државниот санитарен инспекторат, не постои законски основ за објавување на истите на веб страницата и во Службен весник на Република Северна Македонија. Ова особено што решенијата за лицата кои треба да бидат во изолација поради коронавирусот КОВИД-19 содржат и посебни категории на лични податоци односно податоци што се однесуваат на здравјето, а кои лични податоци уживаат посебна заштита според прописите за заштита на личните податоци и за нив не може да се применат исклучоците од правилото за забрана за обработка на посебни категории на лични податоци, се наведува во соопштението од Агенцијата за заштита на личните податоци.

Начинот на достава на писмена е утврден во Законот за општата управна постапка, при што, се подвлекува, доставување по електронски пат би можело да се изврши со исполнување и применување на условите утврдени во одредбите на членот 85 од Законот за општата управна постапка, при што ќе треба да се предвидат и применат соодветни технички и организациски мерки според степенот на ризикот на операциите на обработка на личните податоци согласно прописите за заштита на личните податоци.

– Оттука, секое физичко лице кое има потреба да дојде до своето решение за изолација ќе треба да има единствено можност да пристапи и да го преземе сопственото решение, при што нема да има можност да пристапи, гледа и обработува податоци содржани во решенијата за изолација на други физички лица. При доставувањето по електронски пат (преземање на документот од сервер што го одредил јавниот орган) на решенијата за изолација, мора да се примени техничка и интегрирана заштита на личните податоци, односно да се применат соодветни технички и организациски мерки за обезбедување на безбедноста на обработката на личните податоци, пропорционално на целта на обработката, соодветно на ризикот, стои меѓу другото во соопштението.