Во последните 24 часа, корона вирусот им го одзеде животот на две возрасни лица над 70 години. На Инфективната клиника почина 73-годишен пациент од Прилеп, кој бил хоспитализиран уште на 1 април. Вториот смртен случај е регистриран на Одделението за хематологија во Куманово – имал 76 години и штотуку бил дијагностициран.
Бројот на новозаболени е во истите рамки како изминатите денови. Се бележат 49 нови случаи, од кои 13 во Скопје, 14 во Куманово, 8 во Прилеп, по 6 во Штип и во Велес и по 1 во Гостивар и во Кочани. Вкупниот број е 760.
На Инфективна се примени уште тројца пациенти. Сега таму се лекуваат 68 пациенти, од кои 15 се на кислородна поддршка а 8 на механичка вентилација. Во „8 Септември“ се примени 8 пациенти, па вкупниот број на лекувани е 28, од кои 9 имаат потешка слика а 6 се на респиратори. Во Битола се лекуваат 5 а во Штип 13 пациенти.
Со 586 теста во изминатото деноноќие, вкупниот број на тестирања стигна до 7.653, соопшти Министерството за здравство. Генерално, има 34 починати и 41 излечен од 760 заболени од корона.