Израел од денеска може да почне со ублажување на ограничувањата воведени во борбата против новиот коронавирус, соопшти синоќа премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Тој рече дека е можно „одговорно и постепено“ олеснување на ограничувањата поради релативно добри перформанси на Израел во борбата против коронавирусот во споредба со другите развиени земји.

– Имаме една од најниските стапки на смртност, рече израелскиот премиер, додавајќи дека ова и дозволува на државата да преземе чекори за да ги олесни мерките.

Наместо претходните 15 проценти, максималниот број на вработени на кои ќе им биде дозволено да бидат распоредени на одредени работни места ќе се зголеми на 30 проценти, подложни на строги правила за хигиена. Сепак, луѓето се уште се охрабруваат да работат од дома колку што е можно повеќе.

Олеснувањето главно ќе влијае на ИТ компаниите и електронската индустрија. Вработените на возраст над над 67 години и оние со хронични заболувања се уште се повикуваат да останат дома.

Спортот на отворено сега може да го практикуваат најмногу две лица, но оддалечени само 500 метри од дома. До 10 луѓе можат да се молат заедно на отворено, но мора да има оддалеченост од најмалку два метра меѓу нив. Заштитните маски остануваат задолжителни.

Нетанјаху рече дека во рок од две недели ќе се одлучи дали мерките ќе бидат дополнително олеснети.

– Ако дојде до нова експлозија на коронавирусот, ќе треба повторно да ги заостриме мерките, предупреди тој.

Според Министерството за здравство, со новиот коронавирус се заразени 13.265 лица во Израел, од кои 3456 се опоравени. Смртните случаи се 164.