Во текот на изминатите два и повеќе месеци голем дел од светската популација беше затворен во своите домови излегувајќи само по набавки. Иако тоа ги намали изгледите за изложеност на коронавирусот, можеби имаше и одредено влијание врз нашиот имунолошки систем така што станавме почувствителни на други инфекции.
Луѓето на оваа планета еволуирале со 24-часовни циклуси на светлина и мрак, а нашите тела се прилагодиле да работат во партнерство со сончевата светлина. Еден од најочигледните примери за тоа е создавањето на витаминот Д во нашата кожа како одговор на изложеноста на ултравиолетовите зраци. Тие дневни дози на витамин Д помагаат во зајанувањето на нашите коски и заби и влијаат врз нашите имунолошки клетки. Витаминот Д исто така поттикнува активност и на други имунолошки клетки, како што се Б и Т клетките, кои се задолжени за долгорочен одговор. Луѓето со ниско ниво на витамин Д се во поголем ризик од вирусни инфекции на респираторниот тракт, на пример грип.
Истражувачите сега проучуваат дали може надоместоците од витамин Д да го намалат ризикот од некои тешки компликации поврзани со Ковид-19. На почетокот на мај, Роуз Кени, геронтолог од колеџот „Тринити“во Даблин, заедно со колегите објави податоци кои посочуваат дека европските популации со најголеми стапки на смртност од Ковид-19, како Шпанија и Италија, имаат најниско ниво на витамин Д. Тоа можеби звучи нелогично, со оглед на сончевата клима, но се смета дека промените во начинот на живот ги натерале луѓето да минуваат повеќе време дома, што во комбинација со поголемата употреба на лосиони за сончање во овие земји, може да е одговорно за пониските нивоа на витамин Д.
Можно е и дрвјата директно да влијаат врз нашиот имунолошки систем. Неколку студии посочија дека престојот од неколку дена во шума резултира со зголемен број и активност на природните клетки-убијци, имунолошките клетки кои помагаат во откривањето и уништувањето на клетките на вируси и рак во нашата крв.
Престојот на отворено може и да го подобри квалитетот на нашиот сон. Времето кое сме го поминале дома поради карантинските мерки можело да ги поремети нашите еднодневни биолошки циклуси, бројните биолошки процеси, па и спиењето.
Изложеноста на силна светлина во текот на утрото исто така има позитивно влијание врз расположението на луѓето и може да помогне во заштитата од депресија. Тешко е да се каже колку време е потребно да се помине на отворено за да ги искористиме овие благодети. Но секогаш кога можете гледајте максимално да ја искористите сончевата светлина.