Рекордни 120 позитивни на КОВИД-19 од почетокот на епидемијата во земјава се регистрирани вчера за период од 24 часа. Тие се дијагностицирани од 953 направени тестирања, а над половината (67) се од Скопје. Ова е втор највисок врв по број на заразени во едно деноноќие од 15 април кога имаше 107. Во вчерашната статистика на Министерството за здравство се беллежат уште два смртни случаја – починаа пациенти од Тетово на 65 и на 69 години. Со новите 120, вкупниот број потврдени на коронавирус во земјава достигна 2611. Починати се 147, оздравени 1621, а активни случаи се 843.
Поради драстичното зголемување на нови случаи во изминатите неколку дена, што се должи на непочитување на мерките за заштита, Владата одлучи повторно да го ограничи движењето на граѓаните за да се спречи ширење на вирусот. Откако беше укинат полицискиот час кој важеше 66 дена (22 март – 26 мај), по осум денови поминати без забрана за движење, таа е повторно воведена и почна синоќа во 21 часот.
За сите општини на градот Скопје и околните скопски општини Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец и Студеничани, како и за жителите на Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце ќе трае непрекинато до понеделник во 5 часот. За граѓаните од другите општини во земјава, пак, забраната е делумна и во овие три дена ќе трае од 16 до 5 часот. Мерките се воведени и превентивно поради продолжениот викенд и Задушницата, а со одлука е забрането да се посетуваат гробиштата низ целата држава.
Одлуката за ограничено движење донесена по препорака на Комисијата за заразни болести, според министерот за здравство Венко Филипче сериозно ќе придонесе да се намали ризикот од ширење на вирусот. Тој вчера изјави дека според прогнозите сликата на состојбата со КОВИД-19 ќе биде многу подобра до крајот на оваа недела. Оптимистичките очекувања се врз основа на сите податоци кои ги имаат: бројот на заболени, времето кога се дијагностицирани и мерките кои, освен рестрикцијата на терен, се спроведуваат преку детална анализа на контактите.
-Но ова го кажувам повторно со резерва поради тоа што ќе правиме анализи секој ден. Мора да сфатиме дека сите сме одговорни пред ова. Над 90 проценти од сега новодијагностицираните се во рамките на познати кластери, заболени и трансмисија на вирус настаната на семејни настани кога се прекршиле тие правила за масовни собири и не се носеле маски. Овие дополнителни рестриктивни мерки се само да се заштити и останатото население. Инсистирам да има строга контрола за да се утврди дали се почитуваат овие рестриктивни мерки зашто увидовме дека токму непочитувањето е причина за ова што сега ни се случува, рече Филипче.
Министерот апелираше до надлежните институции да го контролираат спроведувањето на мерките воведени да се спречи ширење на заразата. Исто така, го повика и епископот на Повардарската епархија, Агатангел, да го повлече повикот до верниците да ги посетуваат храмовите бидејќи гробиштата за Духовден ќе бидат затворени.
-Ова е многу осетлив период во овој момент на епидемиолошката крива и тој повик е спротивен на сè што сега правиме да се заштити јавното здравје. И, секако, спротивен е и на многу уредби коишто Владата ги има донесено, а тоа е пред сè уредбата за забрана на масовни собири. Тоа е нешто кое доколку се случи, сериозно ќе го загрози здравјето на сите кои ќе бидат таму присутни, како и јавното здравје, истакна Филипче.
Според вицепремиерот Бујар Османи, најголем проблем во државата не е непочитување на мерките за заштита од коронавирусот, туку лажните вести кои доминираат и, како што рече, ги надгласаа емпириските факти на институциите. Непочитувањето на мерките не е причина, смета Османи, туку последица на тоа што граѓаните ја загубиле вербата во вирусот и во ризикот што го носи. Сето ова, според него, е резултат на лажните вести.
– Имаме ситуации кога роднини се јавуваат по телефон да ургираме на Инфективна клиника да не ги ставаат родителите на респиратор, затоа што има уверување кај луѓето дека ако одат на Инфективна нема да излезат живи од таму. Ги кријат симптомите и 33 проценти од хоспитализираните веќе стигнуваат доцна, после осум до девет дена лекувани во домашни услови. Затоа што некој проширил таква лажна вест дека на Инфективна се убиваат пациенти. Денеска има луѓе кои одбиваат да се тестираат, сметаат дека тоа е непотребно затоа што вирусот не постои, рече Османи.
Смета дека разликата со другите земји по однос на пикот е фактот што кај нас лажните вести успеале, како што рече, да ја искористат психолошката фрагилност на граѓаните од ова преголемо траење на ситуацијата и додаде дека сега е време Владата радикално и драстично да направи акција против изворите на лажни вести и да се разговара со луѓето на сите можни нивоа да ги отфрлат теориите на заговор.
Вчера беше предадена донација од Европската Унија – уште осум уреди за механичка вентилација (респиратори) и лична заштитна опрема. Заедно со претходно донираните 12, заокружен е бројот од 20 респираторни машини наменети за здравствените установи – донација вредна 4 милиони евра од ЕУ од итните медицински потреби за поддршка за справување со пандемијата предизвикана од КОВИД-19.
За превенција од КОВИД-19 вчера донација имавме и од Амбасадата на Кина, која се состои од две илјади трислојни заштитни маски. Народна Република Кина веќе испорача поголема количина заштитна опрема и други медицински материјали за справување со вирусот, а за таа намена од фондот на Кинеската амбасада беше издвоена и директна финансиска помош за Министерството за здравство.