Доктор Игор Кузмановски, член на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, одржа прес конференција на која зборуваше за тоа дека состојбата со коронавирусот во државава не е под контрола. Тој посочи дека граѓаните секојдневно се соочуваат со последиците од несоодветното дејствување на надлежните во врска со коронавирусот. Бројот на починати расте, а властите велат дека ситуацијата е нормална, вели Кузмановски. Во продолжение го пренесуваме текстот од видео прес-конференцијата на доктор Игор Кузмановски:
– Ситуацијата со корона вирусот во Македонија воопшто не е под контрола. На Македонија и се случува катастрофа во справувањето со пандемијата. Ова што граѓаните го живеат е хорор кој не е виден ниту во ниту една земја во регионот и пошироко. Беше најавуван нов пик есенва, а Македонија веќе сега, во јуни, доживува втор бран на новоинфицирани. Според бројките деновиве нема изгледи дека во брзо време ќе се подобри ситуацијата. Граѓаните се соочуваат со последиците од несоодветните политики преземени од надлежните во справување со кризата.
– И додека има се повеќе болни, расте за жал и бројот на починати, политичарите кои се во изолација велат – ситуацијата е нормална. Многу е видливо, многу е јасно – дека ситуацијата не е нормална! Жално е за граѓаните, а срамота за надлежните ова што се случува. Доколку медицината и професионализмот не ја превземат палката ќе продолжи да расте бројот на новозаболени, ќе броиме починати лица. Ова што се случува, ова што се презема во справување со ситуацијата излегува од гранките на медицината. Станува збор за политика што е недозволиво во ваква ситуација.
Мора да се стави акцент на здравјето на граѓаните и да се започне со вистински здравствени политики зошто Македонија ќе остане изолиран остров.
Здравјето на граѓаните е пред се!