Последниве денови во Македонија, повторно расте бројот на заразени и активни случаи на заболени со Ковид-19. Исто така, драматично се зголемува и бројот на починати. Дополнително, во тек е нов три дневен карантин во поголемите градови од државата. Многу наши граѓани си го поставуваат прашањето зошто поради неколкуте Скопски општини, поради Куманово, Тетово и Штип, или како што најверојатно излажа Венко Филипче дека заради кластер од познати 15 семесјтва во 90% од случаите, треба цела држава да биде под карантин. Жителите пак од тие општини си го поставуваат прашањето зошто треба да биде блокирана цела општина кога заболените од таа општина живеат само во една зграда, во неколку куќи, една, две или три улици од таа општина. За властите, за жал очигледно одговорот е ДА треба, но денес науката и технологијата ги демантираат.
Во многу европски земји се користат податоците од Националната инфраструктура на геопросторни податоци (GIS систем) со цел да се визуелизираат локациите на епидемијата и да се преземат прецизни мерки за нејзино контролирање и сузбивање. Во Македонија во 2015 год е пуштен во употреба владин гепортал за просторни податоци. Една од целите на гепорталот е преку вкрстување на податоци од повеќе институции, видливо на мапа (гепортал) да се стигне до кредибилни извори на податоци, кои ќе помогнат да носи правилни и правовремени одлуки во кризна состојба како што е оваа со корона вирусот. Вкрстувањето на податоците овозможува и креирање на разни статистики за потребите на менаџирање на кризата.
Во изминатите 5 години преку повеќе донаторски проекти од Европската комисија, Кралството Холандија и Кралството Шведска, извршени се обуки на вработени во сите државни институции учесници во Националната инфраструктура на просторни податоци (НИПП). Во актуелнава ситуација со Ковид-19 неопходно е под итно да се надополни овој гепортал кој го управува Агенцијата за катастар на недвижности со потребниот сет на податоци, а со цел истиот се искористи во конкретната вонредна состојба.
Минимално потребно е под итно да се вкрстат, податоците од:
1. Министерството за здравство, и тоа локација на ЈЗУ, локација на сите Болници со број на слободни места спремни за згрижување на пациенти, податоци за залихи по установи, локации на аптеки, локација заболени со нивна адреса, локација на лица во самоизолација со нивна адреса, локација на сите што се тестираат од корона вирус, локација на сите лица посочени од заболените лица со кои контактирале, локација на сите хронични болни кои подлежат под мерките на владата, итн
2. Агенцијата за катастар на недвижности, и тоа катастарски парцели, објекти, сопственици, ортофото,
3. Министерство за внатрешни работи, и тоа локација-адреса на луѓето што доаѓаат на граничните премини, локација на сите објекти за кои е покрената прекршочна постапка за непочитување на мерките на владата, локација на лица над кои МВР виши контрола на мерка за самоизолација, податоци за жителите на зградата, улицата, населбата потенцијално загрозена, податоци за сите граѓани кои ја напуштиле државата во изминатите 90 дена.
4. Управа за матични книги, и тоа податоци за сите роднини во права и сватовска линија за заболените лица и за другите лица во самоизолација
5. Министерство за економија и членките на коморите, и тоа локација на сите објекти на правни лица кои не смеат да работат поради мерките, локација на сите фирми кои ќе пријават отпуштање од работа, локација на фирми чии ресурси може да се искористат во случај на потреба за дополнителни капацитети и ресурси, локација на фирми кои бараат помош и износ на бараната помош,
6. Министерство за труд и социјална политика, и тоа локација на сите пензионери, локација на сите социјално загрозени семејства, локации на здравствени домови итн,
7. Државниот завод за статистика, податоците од УЈП како и Царинска управа
Ова може да претставува и првиот приоритетен чекор за градење на модерен јавно-здравствен систем и основа за сите анализи. Тоа е многу често користена алатка во универзитетите и агенциите во светот. Практично скоро и да не постои сериозен универзитет или агенција која не работи и визуелизира со примена на Geographic Information Systems (GIS) – моќта на податоците е во нивната видливост и споредливост.
Преку вкрстување на овие податоци Влада односно сите институции кои се вклучени во менаџирањето на оваа криза ќе имаат прецизни и на дневна основа ажурни и визуелно на мапа прикажани податоци за лицата кои се заболени од Ковид-19, лицата кои се во самоизолација, лицата во карантин, лицата кои треба да се тестираат а со вкрстување на други податоци ќе добие вистинска слика за локациите и кластерите на почетокот на болеста, нејзината моментална состојба, предвидување на идниот развој на истата, потенцијалната закана за лицата кои живеат во непосредна близина односно компаниите каде што истите работат, локациите и капацитетите на здравствениот систем итн.
Визуелизацијата на податоците ќе овозможи точно и прецизно да се локализираат пандемијата и наместо да се става во карантин цела држава или цели градови, ќе може прецизно да се насочат ресурсите кон само една зграда, една или повеќе улици во рамките на една населба или една населба во рамките на една општина. На овој начин од една страна ќе се заштити здравјето на населението кое живее во таа зона, ќе се разционализираат и заштедат ресурсите на медицински стручњаци, а од друга страна ќе се овозможи преостанатиот дел од општината односно државата да функционира нормално.
Дополнително, појавата на нови жаришта ќе биде предвидлива и Владата ќе може правовремено да интервенира. Ова е тајната со која се справија со епидемијата државите како Словенија, Хрватска и Црна Гора од нашето опкружување, а модерните западни земји GIS го користат и за многу останати други проблеми со кои се соочува не само здравството туку и останатите гранки во општестовото.
Развиените западно европските држави веднаш по донесување на INSIRE директивата на ЕУ (https://inspire.ec.europa.eu/ ) во 2007 година започнаа со градење на своите системи и дел од нив како Аустрија, Германија, Франција, Холандија го користат во борбата со оваа криза, а преостанатите активно работата што побрзо да го воспостават пред почетокот на евентуалниот втор бран.
Институциите во Македонија задолжени за градење на овој систем треба да ги засукаат ракавите и својата законска обврска за креирање на потребните податоци што побрзо да си ја завршат се со цел да го заштитиме здравјето на населението но и да ја спасиме економијата. Заради тоа не е време за чекање, и организирање на драконски мерки со бесполезни карантини, туку е време за акција.
Потребно е да им помогнеме на лекарите и здравствените работници кои заедно со полицијата се во првата линија на борбата со вирусот. Потребно е наместо да броиме смртни случаи, ние да го нападнеме вирусот,а не да чекаме тој нас да не напаѓа!
Колумна на д-р Игор Николов