40 – годишен скопјанец бил избркан од ковид амбулантата на ГОБ „8 Септември“ оти побарал да биде прегледан за време на викенд. Пациентот позитивен на Ковид 19, со отежнато дишење и болка во градите лекарска помош побарал во најголемата скопска болница – не го примиле бидејќи било сабота. Му рекле да се врати од понеделник.
„Луѓето што беа пред врата ги прашувам дали е ова 8 Септември ковид центарот? Ми рекоа да ама не влегувај за џабе никого на примаат. Не ги послушав и влегов внатре. Никој нејќеше ни внимание да ми обрати. Ми рекоа дека за викенд не работеле и не примале пациенти. Болеста не знае дали е викенд или не. Јас отидов во сабота бидејќи тогаш ми се влоши ситуацијата. И сега уште ми е лошо, не можам да дишам“, сведочи скопјанецот Илија, пациент позитивен на Ковид -19.
Случката ја објави една од нашите тв куќи, од каде побарале став од првиот човек на болницата, Христијан Костов. Одговор не добиле. Нивниот соговорник во очај, барал помош и во другите боплници. Го примиле на Инфективна го прегледале и го пратиле дома. Во ковид центарот на болницата деновиве врие.
Докторите интернисти кои се ангажирани за лекување на пациентите со корона вирус се преморени. Тие јавно побараа нивните колеги од другите специјалности да се вклучат во работата на ковид одделот.
Министерот Венко Филипче, пак, тврди оти ниту еден пациент со корона вирус не бил вратен од болница.
„Нема пациент кој што е вратен во ниту една болничка установа било каде во државата па дури и тука на клиниките. Можно е да има подолго чекање ако има гужва на пациентите и затоа ние оспособуваме сега екстра болнички капацитети и во болницата 8 Септември“, рече пред десет дена министерот за здравство, Венко Филипче.
Ова не е прв случај пациенти да се жалат оти биле вратени од болница. На социјалните приказни секојдневно се споделуваат искуства на ковид позитивни пациенти кои со часови чекале пред ковид амбулантите и молеле да бидат прегледани. Некои од нив дури ни по 8 часа чекање, не успеале да добијат лекарска помош.