Матичните лекари се разочарани зашто здравствените власти ги изоставиле од финансиската поддршка. Како што вели Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија, примарното здравство го понесе најголемиот товар, но наградено е само јавното здравство.
Според Чолакова Дервишова, секаде во соседните држави здравствените власти им дале финансиска поддршка и на лекарите и медицинските сестри од примарното здраство, но тоа не е случај и кај нас.
-Игнорантскиот однос не е добар зашто бројката на вработени во примарно здравство којашто е столбот на целокупниот здравствен систем и огромна. Сметаме дека во време на пандемија со Ковид дадовме и даваме максимална поддршка, работиме со Ковид пациенти, се повикуваат на контрола, се закажуваат прегледи, линкот и менаџирањето беше преку примарниот доктор, анкетирањето и алгоритмите за тестирање беа преку матичниот доктор, како и закажување за тестирање. Така што целокупното менаџирање и тријажирање во пандемијата со Ковид паѓа на терет на примарно здравството. Не смее никој да каже дека матичните доктори не работеле и не дале поддршка со Ковид пациентите. Напротив најголемиот број на пациенти коишто се третирани и излекувани паднаа на грбот на матичните доктори и затоа не е во ред да не бидат наградени, потенцира д-р Чолакова Дервишова.
Таа посочува дека матичните лекари работат и на испраќање пациенти на комисии, скенирање документи, закажувања, продолжување на нега и боледувања. Огромна е, смета, обврската и работата на секој матичен лекар во вакви услови.
-Телефонското примање повици од пациенти и целовременото наше јавување на телефон и примање огромен број порачки, многу исцрпувачки делува на овој дел од персоналот. Така што е веќе неиздржливо во исто време да прегледувате, во исто време да примате порачки и затоа нешто мора да се направи. Мора да се сочува примарното здравство. Имаме толку многу обврски, а од надлежните досега не ни е дадена никаква поддршка, реагира Чолакова Дервишова.