Дијабетесот е болест која има влијание врз способноста на телото да произведува инсулин, што доведува до висок шеќер во крвта. Првите симптоми на дијабетесот имаат лесна форма, па најчесто луѓето не им посветуваат внимание. Доколку не се лекува, дијабетесот ќе го намали квалитетот на животот и може да доведе до скратување на животниот век.

Токму затоа, Здружението на дијабетичари „Дијабет Полог“ од Тетово, во рамки на месечните активности, во Пензионерскиот дом во градот одржа бесплатни прегледи и едукација околу дијабетот за тамошните корисници, како и за други заинтересирани пензионери и граѓани. Имаше бесплатно мерење шеќер во крвта, како и специјалистички преглед за очите од специјалист офталмолог.

– Предавањата и честата едукација се важни за сите дијабетичари за да се надминат сите потешкотии со кои се соочуваат, а денес фокусот беше на дијабетот и влијанието врз очите. Затоа се обидуваме со чести месечни акции и едукации што подобро да се подготвиме за да се соочиме и бориме со дијабетот, изјави претседателката на „Дијабет Полог“, Клара Сандева.

Во поширокото тетовско подрачје има 7.200 евидентирани дијабетичари, од нив 4.200 се на инсулинска терапија, а меѓу дијабетичарите 50 се деца.

Колку за потсетување, ако Ви се случува во одредени моменти да немате јасна слика на она што го гледате, тогаш треба да знаете дека станува збор за дијабетес. Поради менувањето на нивото на течности во организмот, леќата на очите ја менува формата и предизвикува заматена слика. Кога ќе се стабилизира нивото на шеќер во крвта обично видот се разбиструва, а доколку не се лекува, дијабетесот може да доведе до слепило.