Член на тимот од Светската здравствена организација (СЗО) што спроведува истрага во Вухан, кинескиот град каде е откриен коронавирусот, вели дека е изненаден од комплексноста на задачата да се открие потеклото на вирусот и посочи дека истражувањето ќе трае со години.
Доминик Дваер, микробиолог и експерт за заразни болести, рече дека кинеските власти одобриле пристап за истражувачката група во Вухан, со цел да ги испитаат почетоците на пандемијата на коронавирус, првпат откриена во тој кинески град.
-Сите знаат дека пандемијата избувна од пазарот Хуанан во Вухан, но клучно е да се открие што се случувало тогаш и претходно, рече Дваер.
Потеклото на коронавирусот стана високо исполитизирано прашање по меѓународните критики кон Кина за недостиг на транспарентност во раните денови на епидемијата. Пекинг ја застапува теоријата дека вирусот потекнува од друго место.
Дваер, австралиски експерт за ХИВ, кој соработуваше со СЗО за време на епидемијата на САРС и птичји грип, рече дека главната „загатка“ на Ковид-19 е тоа што првите асимптоматски пациенти не знаеле дека носат вирус.
-Наивно е да мислиме дека ќе го пронајдеме нулта заразениот, рече Дваер. Раните случаи беа забележани во ноември 2019 година, но најважно е што се случи кусо време пред тоа, рече Австралиецот.
Дваер се согласува со Питер Дазак, зоолог и експерт за болести на животни, исто така член на тимот, кој нагласува дека ќе биде многу тешко да се разбере потеклото на коронавирусот.
-Дури и со САРС и ебола, имаме неколку добри идеи, но никој не е сигурен, изјави Дазак.
Истражителите посетиле болници, истражувачки центри и пазар на морска храна каде што беше пријавен првиот случај, но нивните контакти во Вухан се ограничени на посети организирани од кинеските домаќини.
Дваер рече дека тимот завршил со обиколка на локациите и се подготвува да ги презентира првите заклучоци што е можно поскоро, пред 28-дневната виза за членовите на истражувачкиот тим да истече на крајот на следната недела.