Иницијативата на бизнис заедницата, алкохол во продавниците да се продава и навечер, која доби поддршка од Владата, чека „амин“ од законодавниот дом. Со измените на Законот за трговија се укинува временото ограничување за купување алкохол во продавниците, но не и на лиценците кои беа воведени пред околу осум години.
Граѓаните со поделени мислења. Едни сметаат дека забрана мора да има, со цел младите да не се охрабруваат да конзумираат алкохол, други велат дека без разлика на возраста, доколку некој сака да купи пијалок, секогаш ќе најде од каде да набави, дури и во доцните ноќни часови.
Туристи од Бугарија велат дека и во нивната држава има ограничувања на продажбата на алкохол, но истата е до 22 часот.
Продажбата на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и понатаму ќе може да се врши во лиценцирани продажни објекти, но при тоа нема да се бараат посебни услови. Продажба на алкохол ќе се дозволи и во киосците.
Стопанската комора на Македонија лани до Владата достави барања за измени на Законот за трговија со кои, меѓу другото, бараше укинување на временото ограничување на продажбата на алкохолни пијалаци во трговијата по 19, односно 21 часот и на лиценцата, која чини 20.000 денари за малопродажните трговски објект за две години, а за компаниите со над три продажни објекти 20.000 денари плус 0,05 отсто од вкупниот годишен промет.
И покрај барањата на коморите и трговците, Владата одлучи да го тргне само временото ограничување и да го прошири опфатот на објекти каде што ќе се продава алкохол, но не и да ги укине лиценците.