Ковид мерките се укинуваат и во неколку земји од регионот. Од вчера, престануваат да важат сите мерки за контрола и ограничувања за влез на лица во Република Србија, како за странските, така и за домашните државјани.

– Од полноќ, српските државјани, како и странските државјани, при влез во Србија нема да бидат обврзани да имаат негативен ПЦР тест, брз антигенски тест, доказ за прележано заболување или потврда за вакцинација, без разлика од која земја доаѓаат во Република Србија, се наведува во соопштението на српската Влада.

Одлуката за слободен влез на српски и странски државјани во земјата, како што образложија, се заснова на моменталната епидемиолошка состојба во Србија и е во согласност со одлуките на повеќето земји во Европа и регионот. Надлежните институции од час во час продолжуваат да го следат развојот на епидемиолошката состојба во Србија и навремено ќе ја информираат јавноста.

Од 1 мај и Албанија ги укина ограничувањата воведени за да се спречи ширењето на коронавирусот. Според одлуката на Национален комитет за справување со пандемијата, донесена на 26 април, од денеска за влез во Албанија не е потребна потврда за вакцинација против коронавирусот, негативен тест или потврда за прележана инфекција. Исто така во земјата повторно се отворени ноќните клубови, а укината е и забраната за емитување музика по 23 часот во угостителските објекти. Обврската за носење маска беше укината, но остана препораката за носење маска во затворени простории.