Огромен број луѓе поминуваат добар дел од денот залепени на стол. Таквата неактивност не само што ја уништува убавата фигура на телото, туку и буквално брише години од животниот век.
Последното релевантно научно истражување на American Cancer Society откри дека седењето во текот на долги периоди го зголемува ризикот од смрт, а тој ризик е значително поголем кај жените. Научниците откриле дека жените кои седат 6 или повеќе часа во денот е за 40% поверојатно да умрат во наредните 14 години, во споредба со жените кои седат помалку од 3 часа дневно. Кај мажите тој процент е двојно помал.
Човечкото тело не е „дизајнирано“ да поминува долго време во седечка положба. Сепак, поради работа или по сопствен избор, многу луѓе се врзани за столот. Наредниот пат кога ќе останете подолго време во седечка положба, потсетете се дека постојат едноставни вежби кои ќе ви го раздвижат телото и ќе ви помогнат да останете здрави и фит.
Следниве вежби ќе ви помогнат да ги раздвижите зглобовите, да си ја подобрите циркулацијата, да ги зацврстите мускулите и да согорите некоја калорија плус:
- Стегање на задникот
Најлесната вежба која можете да ја правите седејќи е за зацврстување на задникот и бутовите, т.е. најпроблематичните женски зони од телото. Седете исправени, така што стапалата да ви се прилепени за подот. Стегнете ги мускулите на задникот и бутовите и задржете ги „згрчени“ пет секунди. Потоа, опуштете ги. Направете 20 повторувања.
Оваа вежба можете да ја правите додека сте на работа, додека сурфате на интернет или додека патување на подолги релации. Без многу напор, ќе го обликувате задникот.
- Тонирање на нозете преку „пишување“ на азбуката
Подигнете ја едната нога, така што со прстите лесно ќе го допирате подот. Започнете со прстите на нозете да ја „пишувате“ на подот секоја буква од азбуката. Пишувајте големи букви. Откако ќе ја завршите азбуката со едната нога, повторете го истото и со другата.
Потоа, повторно направете ја истата вежба, но овој пат нежно допирајте го подот со цело стапало, т.е. и со прстите, и со петиците. Наместо азбуката можете да пишувате броеви. Важно е ногата постојано да биде активна, а мускулите ангажирани.
- Зацврстување на бутовите
Седнете блиску до работ на столицата. Исправете го грбот, a колената нека ви заземаат агол од 90°. Кренете ја десната нога и исправете ја пред вас, така што да биде паралелна на подот. Држете ја во таа положба 2-3 секунди и спуштете ја. Повторете го истото со левата нога. Направете вкупно 20 повторувања.
Со оваа вежба ќе ги активирате и обликувате мускулите на предниот дел на ногата над коленото.
- Зацврстување на листовите на нозете
Поставете ги стапалата на подот и подигнете ги само петиците, така што да се потпирате само на предниот дел од табаните. Подигнете ги петиците колку што можете повисоко, а потоа спуштете ги повторно на подот. Направете 15 повторувања.
Оваа вежба можете да ја правите и додека работите и учите, бидејќи не бара големо внимание. Со неа ќе ја одржувате цврстината на листовите и вашите нозе ќе изгледаат уште попривлечно кога ќе носите високи потпетици.
- Зацврстување на мускулите под коленото
Седете исправени и поставете ги стапалата на подот. Подигајте ги прстите на нозете без да ги одлепувате петиците од подот. Подигнете ги колку што можете повисоко, а потоа спуштете ги. Повторете ја вежбата 15 пати.
Додека го практикувате ова движење, никој нема ни да забележи дека вежбате, па можете да го правите буквално насекаде.
- Стомачни контракции
Седете исправени. Стегнете ги мускулите на стомакот и држете ги во контракција барем 5 секунди, а потоа опуштете ги. Направете 10 повторувања.
- Раздвижување на глуждовите
Размрдајте ги вашите глуждови така што со прстите на ногата ќе се движите по замислен круг. Оцртајте го кругот 5 пати надесно, а потоа 5 пати налево. Повторете ја вежбата и со другата нога.
- Раздвижување на рамената
Со рамената направете 10 кругови наназад, а потоа уште толку нанапред. Со оваа вежба не само што ќе ги раздвижите рамената, туку и ќе ја намалите тензијата којашто се трупа во горниот дел на грбот.
- Растегнување на вратот
Додека седите исправени, бавно наведнете ја главата надолу, така што брадичката да ви се придвижи кон градите. Потоа, наведнете ја главата наназад и насочете го погледот кон таванот. Повторете ја оваа вежба 5 пати.
- Елегантно растегнување
Подигајте ги рацете странично додека дланките не ви се допрат високо над главата, а потоа спуштете ги елегантно во скутот. Всушност, со оваа вежба, со рацете треба да направите еден голем круг.
Ако сте опкружени со луѓе, направете ја вежбата само еднаш за да не се почувствувате непријатно. Но, ако сте сами, направете 10 елегантни растегнувања, притоа внимавајќи грбот постојано да ви биде исправен.
Предложените вежби можат да го намалат негативното влијание што заседнатиот начин на живот го има врз нашето здравје и изглед, но не и целосно да го неутрализираат. Не се срамете да ги правите вежбите пред вашите колеги на работа. Повикајте ги и тие да ви се придружат и заедно спротивставете му се на негативниот ефект на седењето.
И не заборавајте: На секои 30 минути седење направете барем двеминутна пауза. Станете од столчето, истегнете се и прошетајте низ собата во која се наоѓате.