Најмладиот пациент со рак на кожата е 13 годишно дете. Тоа е оперирано на Клиниката за пластична хирургија. Болеста му била откриена во рана фаза и после хируршкиот зафат е под лекарски надзор. Но, загрижува статистиката што половина од новооткриените случаи со меланом многу доцна се дијагностицираат. Една од причините е и неразвиената дермоскопска мрежа со регионалните центри.
-Се уште кај нас не е развиена дермоскопската мрежа, бидејќи треба да се доопремат регионалните центри, проект кој го почнала претходната влада, но сега застанал, изјави д-р Небојша Пешиќ, раководител на онколошка амбуланта на Клиниката за кожни болести.
Навременото откривање на болеста значително го продолжува животот на пациентите со рак на кожата.
-Пациентите што се во низок стадиум на болест се лекуваат само со хируршка интервенција и тие во 95 отсто од случаите преживуваат над пет години, изјави д-р Софија Пејкова, директор на Клиниката за пластична хирургија.
Министерот за здравство најави дека ќе го продолжат овој проект и во тек била изработка на стратегија за превенција од меланом, а планирале и нова терапија за овие пациенти на позитивната листа. Во иднина набавката ќе ја прави министерството, а засега цитостатиците ги обезбедува Клиниката за Онкологија.
-Двата лека моментално се достапни за лекување преку условен буџет што го даде ФЗО, бидејќи овие лекови не се на Позитивната листа на лекови, изјави д-р Нино Васев, директор на Клиниката за Онкологија.
Лекарите советуваат при секоја промена на кожата граѓаните да се јават на дерматолог, а во наредните три дена во сите дерматолошки амбуланти ќе се вршат бесплатни прегледи. Само годинава во Македонија се регистрирани околу 480 пациенти со меланом.