Фармацевтската компанија Астра Зенека денеска од првостепениот суд во Брисел доби наредба да ги испорача ветените дози вакцини до земјите членки на ЕУ со рок до 27 септември. Компанијата беше тужена од страна на Европската комисија за лекови, за неиспорачаните вакцини предвидени во договорот склучен уште пред да бидат развиени вакцините.
Станува збор за 50 милиони дози, од кои 15 милиони Астра Зенека мора да ги испорача до 26 јули во девет часот наутро, 20 милиони дози до 23 август и последните 15 милиони дози до 27 септември.
Судот во Брисел одлучи дека доколку компанијата не ги достави дозите на време ќе треба да плати по десет евра по неиспорачана доза. Астра Зенека направила „сериозна грешка“ со прекршувањето на договорот склучен со ЕУ, а фирмата требала да ги вложи сите можни напори за да испочитува својот дел, оценил судот.
Поради доцнењата во испораката земјите членки на ЕУ се соочиле со проблеми во кампањата на вакцинација на граѓаните.