На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 289.305 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 3.044 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 6.282 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 501.506 дози вакцини, а ревакцинирани се 212.201 граѓани.
Со последните бројки 51 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 45 % од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 38 % од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 460.702 граѓани.
Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.