Коронавирусот повторно ги наполни инфективните одделенија и модуларните болници низ Македонија. На Инфективната клиника во Скопје најголем број се многу тешко болни или средно тешко болни пациенти и лица кои имаат јасни предиспозиции за влошување на болеста, изјави директорката на клиниката д-р Милена Стевановиќ за еден од нашите електронски медиуми.
Во однос на симптомите таа посочува дека нема разлика кај вакцинираните и невакцинираните заболени и дека тие се исти во споредба со претходните три ковид бранови кои ја зафатија нашата земја.
– Симптомите се исти. Болеста започнува со зголемување на температурата и таа се движи од 37,4 степени, но некогаш достигнува и до 40 степени. Се јавува малаксаност, главоболка, болки во коските и во мускулите, болка во грлото, кашлица, отежнато дишење, проливи и повраќање. Се разбира, овие симптоми се јавуваат различно, не сите кај еден пациент. Симптомите се со различна јачина и времетраење. Никогаш не можете да знаете кој симптом кај кого ќе се развие, колку ќе биде интензивен и колку време ќе трае и какви дополнителни компликации ќе се појават – вели д-р Стевановиќ.
Таа додава дека главната разлика помеѓу вакцинираните пациенти и невакцинираните пациенти е пред сè во интензитетот на симптомите и во појавата на евентуални компликации. Со оглед на тоа што досегашните студии велат дека вакцинираните заболени имаат полесна клиничка слика, поради тоа кај нив се менува и начинот на лекување.