За три брана на корона немавме никакви соодветни мерки. Сведочевме на лоша организација, лош менаџмент на целата корона криза со која се соочуваме повеќе од година и половина. Тоа се случува и сега во овој четврти бран. И на сето ова се случи и горењето на модуларната болница во Тетово и жртвите таму, рече доктор Игор Николов, претседател на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ на гостувањето во емисија. Според него по случувањето во Тетово каде изгоре модуларната болница мора да се направи нешто реално, да се преземат мерки.
– Наместо мерки по случувањето во Тетово ние гледаме игри. А потребно е само да се работи, а ако има грешки да се одговара. На пример треба транспарентност во работата за да се знае кој згрешил. Треба одговорност на пример и зошто доцнеа вакцините, Комисијата за заразни болести треба да објави какви препораки дава за да видиме кој е одговорен, претседателот на Комисијата или министерот, посочи Николов.
Доктор Николов посочува дека случајот со модуларната болница покажува повторно само префлање на одговорност.
– Претходно исто дебатиравме кој е одговорен Комисијата за заразни болести или министерот и сега пак е исто кој бил одговорен за доводот на кислород во модуларната болница и слично, вели Николов.