Од утре процесот на вакцинација во Македонија ќе се одвива без закажан термин. Дозволена е и вакцинација на деца од 12 до 16 години исклучиво со вакцината на Фајзер, а според најавата од Министерството за здравство од утре стартува и теренската вакцинација на населението преку мобилни пунктови. Секој кој сака да се вакцинира ќе може тоа да го направи без закажан термин, а паралелно ќе се одвива и вакцинацијата на граѓаните кои се пријавиле на vakcinacija.mk.

Според изјавите на министерот за здравство Венко Филипче, состојбата со коронавирусот во земјава е стабилна и нема потреба од дополнителни рестриктивни мерки и ограничувања. Според министерот најважен е процесот на имунизација доколку не сакаме да живееме со рестрикции.

Процесот на вакцинација освен во јавните здравствени установи и вакциналните пунктови се реализира и во групните домови и во социјалните установи за долгорочно сместување. Министерството за труд и социјална политика информираше дека веќе е извршена теренска вакцинација во Специјалниот завод Демир Капија, при што вакцина против Ковид-19 добиле лицата со интелектуална попреченост сместени во заводот и вработените. Прва доза во овој завод добиле 155 корисници, од вкупно 171 корисник кои долгорочно престојуваат во установата и 55 вработени.