Врнежите во последните неколку дена генерално имаат позитивно влијание и придонесуват за подобрување на хидролошката состојба во земјава и за земјоделските посеви. Центарот за управување со кризи (ЦУК) препорачува внимателно движење покрај суводолици и реки и за да не дојде до појава на поплави ги предупредува надлежните институции и граѓаните да бидат внимателни.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов на вчерашната прес – конференција информира дека имале координативен состанок со сите надлежни, со претставници од АД Водостопанство, Хидрометеоролошкиот завод и на други инститиции и ја разгледале состојбата со одводните канали.Ангелов упати апел до надлежните институции да ги исчитат локалните канали кои поминуваат низ населените места.
– Заклучокот е дека најголем дел од примарните канали се исчистени, останува мал дел од нив да бидат исчистени. Секундарните канали, добар дел од нив се во добра кондиција и се исчистени, но се работи на нивно понатамошно чистење. Додека локалните канали, кои поминуваат низ населени места, состојбата некаде е многу лоша и не би можеле да ја прифатат надојдената вода доколку дојде до пообилни врнежи, изјави Ангелов.
Тој апелираше и до АД Водостопанство на Република Македонија и до локалните самоуправи да бидат разгледани сите критични точки, да бидат исчистени, доколку е потребно на некои места да се постават насипи или да се обезбеди можност од брзо местење насипи доколку се појави потреба. Апелираше граѓаните да пријават до ЦУК, на бесплатниот телефонски број 195 ако проценат дека некаде постои опасност од поплави или можност од излевање на речните корита.
Ангелов предупреди дека постои можност од поплави, кои не би биле од големи размери, но може да биде поплавено земјоделско земјиште, можат да бидат поплавени и куќи покрај одредени реки и суводолици.
Одговарајќи на новинарско прашање, директорот на ЦУК рече дека имаат детална листа со места кои се критични, а општините ги имаат овие податоци. Тоа се сливот на реката Вардар, а најчесто има излевање на водата кај селата Јегуновце, Раотинце и Туденце, сливот на Треска, сливот на Црна Река, сливот на реката Струмица, конкретно Струмичко Поле е подложно на поплави при зголемување на водостојот на реките Струмица, Радовишка, Оравичка, Смилјанска, Плеваја и водотеците од планината Беласица…
Додаде дека во овој момент состојбата е стабилна, каналите се солидно исчистени, но потребно е да се продолжи со целосно дочистување на каналите.