Техничкиот комитет на експерти за справување со пандемијата, денеска одлучи во Албанија да останат во сила веќе постојните ограничувачки мерки, а ја одобри препораката на Комитетот за вакцинација, за аплицирање трета доза на вакцина против Ковид-19.
Тоа значи дека полицискиот час, воведен во ноември минатата година, продолжува во период од 23 до 6 часот, музика во угостителските објекти се дозволува до 23 часот, а присуство на настани со 30 отсто исполнетот од капацитетот.
Граѓаните кои влегуваат во Република Албанија од сите гранични премини мора да поседуваат сертификат за вакцинација, при што од денот на ревакцинацијата треба да изминале најмалку две недели, негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, брз антиген тест од 48 часа или потврда дека прележале Ковид, валиден до шест месеци по заздравувањето.
Според Мира Ракацоли, претседателка на комитетот и заменик министерка за здравство, покрај одобрената трета доза донесена е одлука со која се намалува опсегот на возрасната група за вакцинација.
– Почнувајќи од први ноември се воведува трета доза вакцина за лицата над 60-годишна возраст. Исто така се дава можност за вакцинација на децата над 16 години со одобрение на родителите, како и за деца над 12 години кои боледуваат од други болести, рече Ракацоли.
Додаде дека интересот за вакцинација кај населението е во постојано опаѓање и упати апел до граѓаните да се имунизираат, како што рече, ден порано. До сега во земјата се пристигнати над два милиона дози, од кои 1,8 милиона се аплицирани. На национално ниво со една доза опфатени се 38 отсто од граѓаните над 18- годишна возраст.