Нов мобилен ангиограф за потребите на службата за интервентна кардиологија и радиологија ќе добие Градската општа болница „Осми септември“ во Скопје, како донација од Јапонија, во вредност од 100. 886 евра. Договорот денеска го потпишаа амбасадорот на Јапонија во земјава, Хиронори Савада и директорот на болницата „Осми септември“, Христијан Костов. Според амбасадорот Савада, овој апарат ќе придонесе за зголемување на квалитетот и капацитетот на болницата за да го адресира здравјето на кардио-васкуларниот систем.

Инаку, овој грант е во рамки на Јапонската програма ЏЏП, а како што рече јапонскиот амбасадор, Јапонија е силно посветена да ја поддржи Македонија во социјалниот и економскиот развој, што е многу важно за интеграцијата во Европската унија. Во рамки на оваа програма, ќе бидат потпишани уште пет проекти во декември и најверојатно уште неколку до март.

Директорот на болницата, Христијан Костов напомена дека со овој грант, Јапонија и јапонскиот народ продолжува во континуитет да помага во модернизирањето на болницата. Тој денеска по потпишувањето на договорот напомена дека станува збор за втор грант, и благодарение на овие грантови се создаваат многу поволни услови во болницата „Осми септември“ да се вршат најсоодветните, најсофистицираните интервентни и други радиолошки процедури.

Целта е, како што рече Костов, да се намали листата на чекање, пациентите да имаат поквалитетно здравство и сите оние софистицирани медицински интервенции да бидат правовремено згрижени.