Германската влада одлучи да воведе построги мерки за невакцинираните граѓани со цел да се спречи зголемувањето на бројот на заразени лица со вирусот и да се намали притисокот врз болниците. Регионалните премиери денеска се договорија со Ангела Меркел да им забрани на невакцинираните лица да влегуваат во ресторани, театри и продавници кои не се неопходни.
Се затвораат и ноќните клубови во подрачјата каде има голем број заразени, а ќе се намали бројот на лица кои можат да присуствуваат на јавниот настан. Ноќните клубови ќе бидат затворени во оние делови од земјата каде што неделната инциденца е поголема од 350. До 50 лица ќе можат да престојуваат во затворени простории, додека таа бројка ќе биде 200 на отворено.
Спортските и културните сали ќе бидат достапни само за вакцинираните, но тие ќе треба да работат со 30 или 50 отсто од капацитетот. Ќе можат да присуствуваат најмногу 5.000 гледачи. Списокот на овластени лица кои ќе можат да ги вакцинираат граѓаните значително ќе се прошири, па фармацевтите и другиот медицински персонал ќе можат да ги имунизираат луѓето.
Канцеларката во заминување Ангела Меркел изјави дека ситуацијата во земјата е сериозна. Болниците се полни, некои пациенти моравме да ги пренесеме во понеоптоварени делови од државата. Ни треба национална солидарност – вели таа. Таа додаде и дека ќе го поддржи воведувањето задолжителна вакцинација во земјава. Германија повторно започна кампања за вакцинација за да ги поттикне граѓаните на овој чекор. Само 68% од населението е целосно вакцинирано, што е под просекот на ЕУ.