АХВ ја укина заштитната зона и зоната под надзор околу двете жаришта во Делчевско

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе решение со кое се олабавуваат мерките за заштита од африканска чума кај свињите поради поволната епидемиолошка состојба. Според АХВ, се укинуваат заштитната зона…

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе решение со кое се олабавуваат мерките за заштита од африканска чума кај свињите поради поволната епидемиолошка состојба.

Според АХВ, се укинуваат заштитната зона (во радиус од три километри) и зоната под надзор (во радиус од десет километри) околу двете жаришта во Делчевско, каде, во координација и соработка со локалната самоуправа, Министерството за внатрешни работи, ветеринарните друштва и одгледувачите на свињи успешно беа спроведени мерките за ерадикација (убивање и нештетно закопување на свињите во заштитната зона) и депопулација со економско искористување на месото во зоната под надзор и другите мерки за заштита, дефинирани во претходно донесените решенија.

Комерцијалните фарми и некомерцијалните одгледувалишта во високоризичната зона во која влегуваат општините во пограничната линија со Република Бугарија и Република Србија, заклучно со 1 април, нагласи директорот на АХВ, Николче Бабовски, треба да воспостават високи биосигурносни стандарди.

– Доколку тие не се категоризираат како одгледувалишта со низок или среден ризик, кај нив ќе се спроведе мерка за депопулација на трошок на одгледувачите. Со последното решение се засилува пасивниот надзор на одгледувалиштата, во големите свињарски фарми и во ловиштата, на целата територија на земјава, потенцира Бабовски.

Тој додава и дека одгледувачите на свињи се должни да ја следат здравствената состојба на грлата и за секоја промена да го информираат официјалниот ветеринар или надлежното ветеринарно друштво, а големите фарми имаат обврска од секоја угината свиња да испратат мостри за лабораториско испитување. Ловните друштва, пак, треба еднаш неделно да вршат пребарување на ловиштата за пронаоѓање угинати диви свињи и за тоа да пратат извештај до официјален ветеринар. Од секоја угината дива свиња која ќе биде пронајдена, задолжително треба да се прати мостра за лабораториско испитување за утврдување на присуство на вирусот на африканска чума кај свињите.

-Се засилува отстрелот на диви свињи во сите ловишта, независно од дозволениот број за отстрел со ловностопанските основи. Мостра од секоја застрелана дива свиња задолжително треба да се прати за лабораториско испитување, а месото ќе може да се консумира само откако ќе се добие негативен резултат од анализата за утврдување на присуство на вирусот. Во текот на ловот мора да се почитуваат бисигурносните мерки при лов, а обработката на месото од застреланите диви свињи да се врши исклучиво во строго определени градежно уредени објекти/простори за расекување, обработка и чување на труповите, подвлекува Бабовски.


Related Articles