По Велика Британија, денес Германија, Франција, Холандија и уште неколку европски држави го повлекоа од продажба киндер јајцето како производ, поради инфекција од салмонела.
Истрагата која ја водела Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (UKHSA), јавното здравје на Шкотска, јавното здравје на Велс и Агенцијата за јавно здравје на Северна Ирска, откриле дека постои врска меѓу пријавените случаи на труење со салмонела ширум Британија и киндер јајцата, пренесува „Гардијан“.
Станува збор за чоколадните јајца од 20 грама кои имале рок на употреба меѓу 11 јули и 7 октомври 2022 година. Како мерка на претпазливост, „Фереро“ повлекол производи и на луѓето им се советува да не ги јадат. FSA соопштила дека сите киндер јајца се произведени во иста фабрика. Се смета дека тоа нема да влијае на другите производи на „Фереро“.
Симптомите на салмонела вклучувале дијареја, грчеви во стомакот, мачнини, повраќање и грозница.
Според информациите кои ги пренесоа дел од македонските електронски медиуми, од АХВ посочиле дека досега до нив нема стигнато таква информација за небезбеден производ чоколадни јајца „Киндер изненадување“ од компанијата Фереро. Тие потврдиле дека ја следат состојбата со превентивното повлекување на овој производ од пазарот на неколку европски земји поради сомнеж за присуство на салмонела и доколку има потреба навремено и соодветно ќе реагира.
Од агенцијата за храна и ветеринарство истакнале дека секоја недоследност може да се пријави лично до Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ, или на бесплатната телефонска линија наменета за потрошувачите 0800 3 22 22 или електронски на info@fva.gov.mk.