Поради зголемениот број на нови заболени со Ковид-19 во Црна Гора, во текот на изминативе неколку дена, издадена е препорака за носење на заштитни маски. Оваа препорака се однесува на сите места каде се собираат голем број на луѓе, меѓу кои: аеродроми, железнички и автобуски станици.
Препораката за носење заштитна маска на аеродром, железничка и автобуска станица, особено се однесува на хронично болните, постарите лица и имунокомпромитирани луѓе.
Имајќи ја в предвид тековната летна сезона, бројот на активни случаи е најмногу зголемен во крајбрежните општини на земјата.
Во текот на изминативе две недели, според информациите кои ги пренесуваат црногорските медиуми, бројот на заразени е зголемен за околу 130 проценти, така што моментално во Црна Гора има вкупно 1367 активни случаи на Ковид-19.
Црногорското Министерство за здравство соопштило и дека се препорачува вакцинирање против Ковид-19, особено за граѓаните од ранливите категории.