Во периодот од 12 до 18 септември 2022 година, во Грција се потврдени 36.146 случаи на Ковид-19, за седум отсто повеќе во споредба со една седмица претходно. Смртните случаи се намалени за 14 проценти и починале 111 лица, се вели во седмичниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ) за ситуацијата со пандемијата во земјата, известуваат грчките медиуми.
Во конкретниот период биле направени 616.288 тестови, со стапка на позитивност 5,87 отсто, додека пак од 36.146 потврдени случаи, 24 проценти се реинфекции.
Од Националната организација за јавно здравје на Грција соопштуваат дека малото зголемување на регистрираните случаи на Ковид-19 се забележува кај лица на возраст од шест до 18 години и „зголемувањето е очекувано поради почетокот на учебната година и зголемените контакти меѓу децата и адолесцентите“.
– Со цел да се ограничи ширењето на коронавирусот, се препорачува да се почитуваат превентивните мерки кај децата, адолесцентите и возрасните, како што се навремена изолација, тестирања и навремена дијагноза, избегнување контакт со луѓе кои припаѓаат на ранливите групи, како и силната препорака за носење маска за оние кои имаат симптоми, соопштуваат од ЕОДИ.