Болницата во Кичево се соочува со многу лоши услови за работа, одделенијата се нефункционални, а старата дотраена зграда и расипаната медицинска опрема се само причина плус пациентите од тој дел на Македонија да не можат да бидат опслужени во целост. Директорот на болницата, Станко Трпески, во изминатиов период упади молба за помош до Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и Владата со цел да се обезбедат основните здравствени услови за работа.
– Не можеме да им дадеме некогаш помош на пациентите кои што си ги бараат своите права. Спречени сме поради лошите услови, не поради нешто друго. Го молам Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и Владата за помош, да обезбедиме основни здравствени услови за работа за да можеме да ги опслужиме пациентите, посочува Трпески.
Станува збор за регион кој опфаќа околу 35 илајди жители кои бидејќи нема соодветни услови за работа се препраќаат по другите градови. Трпески објаснува дека имаат доволен медицински персонал, лекари, специјалисти, кој работи во болницата, но поради лошите услови за работа не можат да ги покажат своите способности во целост.
Директорот Трпески објаснува и дека во болницата во Кичево веќе со години не се извршуваат породувања, бидејќи е расипан апаратот за стерилизација на Одделот за гинекологија. Бремените жени се испраќаат во другите градови, а за да може апаратот да се поправи потребни се средства кои тие не можат да ги обезбедат.
Кичевската болница веќе 37 години се наоѓа во фаза на изградба, а последната најава од Министерството за здравство е дека со милион евра оваа година ќе продолжат градежните работи на новата болница и според планот, ќе завршат до 2024.