Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ вчера го одбележа Светскиот ден на бубрегот под мотото „Здрави бубрези за сите: Подготовка за неочекувани ситуации, поддршка на ранливите лица”. Павлинка Балиска, психолог и координатор во Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ истакна дека во земјава вкупно 61 лице одат повеќе од 20 години на дијализа или од 20 до 43 години во континуитет на дијализа. Најмладиот пациент во Македонија што оди на дијализа има три години, а најстариот околу 90 години.
Иако бубрежните болести се незаразни, 850 милиони луѓе ширум светот имаат некоја форма на ваква болест. Целта на кампањата на Светскиот ден на бубрегот и активностите што се реализираат во месец март, е да се истакне дека превенцијата е клучна за намалување на човечките и економски трошоци од хроничната бубрежна болест.
Вулнет Мемеди од Клиниката за нефрологија, го поздрави настанот за подигање на свеста за постоење на бубрежни заболувања.
– Иако Клиниката за нефрологија е во секојдневен директен контакт со пациентите на кои што им е неопходен нефролошки третман, сепак пораката што денеска ја испраќаме е дека се задолжителни и понатамошни активности за уште подобра здравствена услуга на пациентите со бубрежна болест, како што се, соработка помеѓу лекарите, пациентите но и надлежните институции, што може да придонесе промени во здравствениот систем, нагласи Мемеди.
Од „Нефрон“ потсетија дека постојат 20 години и имаат 1.500 членови пациенти на дијализа и 240 со трансплантиран бубрег.
– Терминалниот стадиум на хроничната бубрежна болест е тешка состојба, бара континуирано лекување и нега. Оваа состојба одредува посебен начин на живот, со многу одрекувања, со постојани третмани кои траат 4-5 часа секој втор ден во центар за дијализа. Сепак, дијализата го продолжува животот, а трансплантацијата наполно го променува, рече меѓу другото, Душко Ѓоргиев, претседател на Здружението.
Од Здружението информираа дека овој месец, со помош на здравствените установи и центрите за дијализа, низ целата држава се спроведуваат акции за подигнување на свеста за грижата за бубрежното здравје и преку едукација и организирани мерења на шеќерот во крвта и крвниот притисок и делење медицински совети, бесплатно ќе им се овозможи на голем број граѓани навремено да ги откријат, но и да превенираат и спречат бубрежни болести. Беше спомената и едукацијата во училиштата.